Бременоста е една посебна состојба која покрај физиолошките и физичките промени, си носи и свои психолошки особености. Во тој период се случува една трансформација и менување на личноста, односно тоа е еден период на припрема за премин од улогата на жена и подготовка за влегување во најважната и најодговорна улога во нејзиниот живот, а тоа е улогата на мајка. Слободно може да се каже дека дооаѓа до менување на севкупниот ментален конструкт кај личноста, во овој животен период.
Главни причини за уникатната психолошка промена, која настанува за време на бременоста, се менувањето на телото, зголемување на телесната тежина, промена на целокупната ситуација во околината, влегување во нов животен период и се разбира промената во нивото на хормони.
Дали бременоста е посакувана, непосакувана, изненадна или можеби постои една амбивалентност спрема неа, дали жената е во брак или се одлучила да го роди своето дете без партнер, дали е возраста, зрелоста на личноста и многу други специфичности кои може да се физиолошки, физички и психолошки, даваат една посебност - индивидуалност на секоја бременост.
Менталното здравје на жената за време на бременоста, апсолутно има големо влијание на развивањето и здравјето на фетусот. Истражувањата докажуваат дека постои директен линк помеѓу количината на психосоцијалниот стрес и поддршката што ја добивала жената во овој период, со намалена телесна тежина на новороденото и скратување на гестациски период односно можеби предвремено раѓање на детето.
Фасцинантен е фактот и дека постои некаков пренос и перцепција на психолошката состојба на мајката од страна на фетусот, иако целосно начинот на комуникација е сè уште мистерија. Но, точно е дека мајчиниот стрес и депресивност предизвикуваат покачување на нивото на стрес хормоните, и фетусот ги добива хемиските сигнали преку плацентата. Додека фетусот се развива и расте, го слуша срцебиењето на мајката, ја слуша музиката што му ја пушта и песните што можеби му ги пее, тој собира информации и постојано добива пораки и воедно се подготвува за околината и животот со којшто ќе се соочи по своето раѓање.
Со еден збор, фетусот е активен учесник во своето сопствено развивање уште при неговиот интраутерин живот.
Стабилноста во емоционалната клима очигледно е најважна за сè уште нероденото, зборејќи од психолошки аспект. Ако нема постојано стабилна емоционална клима, односно има драстични варијации во расположението на мајката и стресови, нероденото нема да создаде стабилни очекувања за животот што следи, и кога ќе дојде на свет, ќе се чувствува несигурно, адаптацијата и справувањето со околината ќе бидат потешки, а развојот ќе биде значително поспор.
Во текот на бременоста речиси кај секоја жена, можно е и често да се јавуваат анксиозности, панични состојби, депресивни симптоми, проследени со несигурност и страв за иднината, а наближувајќи се до терминот на породување нормално е да се појави и страв од самиот чин. На бремената жена во мислите ѝ лебдат многу прашања за кои е во исчекување да го дознае одговорот, на пример: Дали ќе биде добра мајка? Дали ќе биде сè во ред со новороденото? Дали ќе има млеко? Како ќе реагира другото дете на приновата што доаѓа ако станува збор за втора бременост?... Сето ова може да прави блага вознемиреност кај бремената жена која и така е чувствителна на стресни ситуации, a добро е познато дека и позитивните ситуации може да бидат стресни.
Во текот на бременоста на жената, многу е важна поддршката од нејзиниот партнер. Партнерскиот однос со сигурност трпи промени кои е пожелно да се позитивни во форма на поголема блискост, но за жал во некои случаи се негативни. Се разбира добриот партнерски однос и останатите односи со околината можат да влијаат позитивно во овој период на адаптација за новата улога. Отворен и поддржувачки разговор со партнерот, разговор со своите најблиски, разговор со некој кој минал низ ова искуство, разговор и поддршка од психолог или стручно лице од областа гинеколог, може да допринесат за постигнување на емоционален баланс и смиреност кај неа. Во овој период мора да се одвои време за умерена физичка активност, здрава исхрана, медитација, одмор и релаксација, односно зголемена грижа за себе, а со тоа индиректно и за животот кој расте во неа.
Автор:
М-р Ивана Хаџиванова,
психолог, гешталт психотерапевт
Facebook: Гешталт психотерапија
Email: hadzivanova@gmail.com
Тел: +38975273768